Македонија
24. February 2026 - 16:27

Филков бара одговорност со име и презиме за куќниот притвор на Груби

Министерот за правда, остро реагира на одлуката осомничениот за проневера од над 8 милиони евра, Артан Груби, да оди во куќен притвор. Филков порача дека одговорноста за таквата одлука мора да се лоцира со име и презиме, па ги повика обвинителот, неговиот шеф и судијата да објаснат зошто го укинале ефективниот притвор за Груби.

„Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни врз основа на кои конкренти факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот? Раководителот на обвинителството, Анел Фидоски –дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот? Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?“, изјави Филков, Министер за правда.

Министерот побара и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да го разгледаат случајот и да утврдат дали има основ за одговорност.

Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски, чиј кадае е Филков, порача дека одлуката за домашен притвор за Груби е невеиден преседан.

Од СДСМ обвинија дека одлуката за куќен притвор е доказ за политички договор меѓу власта и ДУИ. И опозициската партија вина гледа кај предметниот обвинител и неговиот шеф кој кој беше избран пред еден месец.

„Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека е се договорено. Иако еднаш избегал, вчера обвинителството побарало поблага мерка од претходно веќе одредената мерка притвор. Очигледно доаѓањето на Груби временски било темпирано. Прво, преземање целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ“, вели Александар Саша Димитријевиќ, СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ очекува дека одуката на судот за куќен притвор ќе биде во заштита на правдата а не соучесник во неправдата. Доаѓањето на Груби, според партијата донело страв кај опозицијата.

„СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплажи до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби?“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од ДУИ, изјавите на Филков ги оценуваат како директно мешање во судскиот процес и сериозен удар врз независноста на правосудниот систем.

Филков уверува дека државата може да ја гарантира безбедноста на Груби. Вели, недозволиво е неговата безбедност во истражниот затвор да служи како аргумент за поблага мерка.

„Не може безбедносни “индиции“ да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана – државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем“, вели Филков, Министер за правда.

Филков најави дека ќе побара вонреден надзор во сите затвори за да се утврди дали во нив е нарушена безбедноста.