Свет
12. August 2015 - 14:53

Филипинска проститутка го брани поранешниот британски премиер Тед Хит

Поранешната филипинска проститутка Мајра Линг-Линг Форде го брани некогашниот британски премиер и лидер на Конзервативната партија, Едвард Тед Хит, од обвинувањата за педофилија и сексуално насилство врз деца.

Оваа некогашна сопственичка на илегален бордел во англискиот град Солзбери, тврди дека Хит во 90-те години на 20 век, кога тие двајцата се познавале, бил само „осамен и остарен хомосексуалец“ кој барал „придружба“ од млади мажи на возраст меѓу 21 и 30 години, но не и педофил.

„Повремено му обезбедував такви мажи и во тоа не гледам ништо лошо, но никогаш ниту побарал ниту му имам обезбедувани деца„- изјави Форде, во разговор за британскиот телевизиски Канал 4.

Таа смета дека обвинувањата за педофилија и за насилство врз деца, му се припишуваат без основа и дека полициската истрага нема да открие никакви докази.

Филипинката која сега има 68 години, објаснува дека во тоа време од пред 25 години, било неверојатно за човек на негова позиција да ја признае својата хомосексуалност, па затоа тој преку прикриен оглас во локалниот весник во Солзбери и се обратил со барање да му изнаоѓа „мажи за придружба“.

Се пријавувал под лажно име „Џон“ и за тоа плаќал по 500 фунти, но таа набргу го препознала, откако видела една негова фотографија во весниците.

Форде ги отфрла тврдењата дека му се заканувала на поранешниот премиер, дека ќе го разоткрие во јавноста, пред да пропадне случајот против него, во почетокот на 90-те на 20 век, но полициски извор, за „Дејли телеграф“ изјавил дека токму таа била првата која на полицијата и ги споменала првите сомнежи за однесувањето на Хит.

Полицијата на англиската област Вилтшир ја има раководната улога во широката истрага за случајот со обвинувањата против порашениот премиер Хит, но и за корупција во полициские редови, откако претходно се појавија тврдења дека полицијата занела за „вината“ на политичарот и за обвинувањата за насилство врз деца, но дека случајот бил заташкан, од политички причини.

Обвинувањата против Хит се појавија откако во лондонските медиуми почна да се зборува дека британската полиција, знаела но дека ги прикривала обвинувањата против еден круг политичари и јани личности дека се педофили и дека вршеле насилство врз деца по станови во Лондон.

Медиумите тврдат дека досега се јавиле „десетина некогашни жртви“, откако полицијата јавно повика да се јават сите кои биле злоставувани и наместо што молчат, да кажат што им се случувало.

Мајра Форде била еднаш осудена за нелегално организирање бордел, во својата куќа.

Едвард Хит почина во 2005 година, на 89-годишна возраст. Премиер на Велика Британија и лидер на ториевците беше меѓу 1970 и 1974 година.