Loading Video...
Бизнис
1. April 2026 - 8:00

Европските министри на итен состанок за енергетската криза

Европската комисија ги повика земјите-членки да се подготват за можна долготрајна енергетска криза поради војната на Блискиот исток.

Шефот за енергетика на ЕУ, Ден Јергенсен, испратил писмо до националните министри за енергија во кое вели дека треба да размислат за доброволни мерки за штедење. Во пракса, тоа би можело да значи граѓаните да бидат повикани да возат и да летаат помалку, со цел горивото да се зачува за поважни потреби.

Европските министри за енергија денеска ќе одржат итен состанок за да ја координираат реакцијата на кризата.

Дневниот глобален недостиг е 11 милиони барели нафта и повеќе од 300 милиони кубни метри течен природен гас.

Американскиот претседател, Трамп, ги повика европските сојузници кои немаат гориво поради блокадата на Ормутскиот теснец, сами да отидат дотаму и да си земат или да купат од САД.

- Ќе мора да почнете да учите како да се борите сами за себе, Соединетите Американски Држави повеќе нема да бидат тука да ви помогнат, исто како што вие не бевте тука за нас. Иран е, во суштина, уништен. Најтешкиот дел е завршен. Одете да си ја земете нафтата! – напиша Трамп.

Ситуацијата дополнително се комплицира откако Иран подготви нацрт-закон со кој ќе се воведе систем за наплата за премин низ Ормутскиот теснец. Според документот, бродовите од Европската Унија, САД и Израел, нема да можат да поминат. Тие што ќе можат, ќе мора да платат и тоа во иранската национална валута – ријал.

А во меѓувреме, кинески бродови по еден месец пауза успеаја да поминат низ теснецот.

- Преку координација со релевантните страни, три кинески бродови неодамна го поминаа Ормутскиот теснец. Изразуваме благодарност до релевантните страни за пружената помош - изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Македонските институции внимателно ја следат состојбата. Народната банка вели дека е подготвена да реагира ако има потреба. Тензиите на Блискиот исток биле тема на средбата меѓу гувернерот Славески и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шјиаочјинг Ју.

- Народната банка ја покажа својата способност за решително дејствување, придонесувајќи за намалување на инфлацијата и одржување на финансиската стабилност. Соочени со нов бран на неизвесност, нашата цел и натаму е обезбедување стабилност во услови на динамични светски промени - истакнал Славески.

Земјава нема никакви проблеми во снабдувањето со гориво и не размислува за ограничување во точењето за странци кои поради пониските цени доаѓаат овде за да си ги наполнат резервоарите. Бензините вчера поевтинија за 2,5 и 3 денари, а цената на дизелот остана иста. Попустот кој го добиваат најголемиот дел од бензините станици и намаленото ДДВ од 18 на 10% се во сила до крајот на оваа недела, а што ќе се прави потоа допрва ќе се одлучува.