Дваесет и две години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Пред дваесет и две години на 26 февруари во Ротимље близу Мостар во авионска несреќа животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље.
Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски во Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.
Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.
Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно - политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.
За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
МИА
Ново на Сител
-

Повеќе од 150 македонски државјани затечени во загрозените подрачја ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби
-

Иран вели дека три танкери за нафта биле погодени од ракети
-

Трамп: Уништивме девет ирански воени бродови
-

Рама го разреши генералниот директор на албанската полиција Илир Прода и директорот на полицијата на Тирана
-

Во напад врз женско училиште во Иран убиени 165 ученички
-

Напад во западен Иран уби десетици припадници на безбедносните сили
-

Израел ja нападна зградата на иранската државна телевизија во Техеран
-

Трамп се согласил да разговара со новите ирански лидери
