Документарен филм „Природно од Преспа“
Документарниот филм ,,Природно од Преспа”, ги пренесува позитивните практики на органските одгледувачи на јаболка, но и ги посочува проблемите со кои се соочуваат земјоделците за премин од конвенционално во органско производство.
Сончевите зраци штотуку ги покрија овошните насади во Преспа, а Пере и Рахела Транталовски веќе беа навлезени меѓу редовите со јаболкници.
Звукот на ножиците за кроење и кршењето на гранките беа знак дека сезоната е почната. Пред да пристигне пролетта и да расцветаат, земјоделците мора да ги подготват овошките. Работа има, но многу повеќе кога производството е органско.
-Да, ова е органски насад, се познава, тука не се користи хемикалија, хербициди за трева, горе нормално, користиме органски препарати, вели Пере Транталовски.
Семејството Транталовски веќе 15 години имаат органски насади со лешници, пред четири години одлучиле и петте хектари јаболка да ги одгледуваат исклучиво на природен начин, без употреба на какви било хемикалии. Имаат и сливи, праски и круши, а во органското производство вклучиле и цреши и малини.
-Со органското најбитно е прво да ја заштитиме околината, подземните води, па после нас, значи храната, производот. Најбитно ја штитиме прво средината. Затоа органските се поскапи. Ние гледаме да има баланс во природата. Штетниците да ги јадат предаторите. Разликата помеѓу органско и конвенционално од која гледна точка... Прво, од здравствена гледна точка органското е здрава храна, конвенционално може да има остатоци од пестициди, сè зависи од начинот. Од економска, органското мора да е поскапо, бидејќи има поголем ризик, а после имаме помал приход, раскажува Транталовски.
Помал принос, но со многу поголем квалитет. Природните сокови и финалните производи од овој овоштарник имаат посебно место.
-Ние сме во рурална средина и одиме во поголемите градови, како на пример Скопје, тоа ни е центар и имаме повеќе саеми каде се промовираме. Надвор од државата имаме пробано ама доволно е тука да се испромовира нашето производство и да не увезуваме сомнителна храна, вели Пере Транталовски.
Кирил Прцуловски во 2007 година го напуштил животот во Скопје и одлучил да се врати во родниот крај. Во Царев Двор ги обновил насадите на неговиот татко и станал еден од првите органски производители. Повеќе од една деценија се обидува да ја заштити природата во Преспа, но и да добие здрав и еколошки производ.
-Сè уште постои големо непознавање. Многу често ме прашувале во минатото колку пати ги прскаш, ми викаат дека не можело без прскање. Без прскање не може, прашањето е што се прска.
- Во еден органски плод, содржината на нутриенти на микро и макро елементи е за три пати поголема од конвенционално производство. За да добиеш содржина на еден плод, треба да изедеш три, произведени по конвенционален пат. Ако е 50 денари конвенционално, тогаш за сите поволности како содржината ќе треба да искористите три килограми јаболка наспроти едно од 100 денари. Еве, пробајте дали ќе направите разлика како консумент, првична разлика. Она што ги разликува како производ, пред сè, е формата. Визуелниот ефект е поинаков, ќе најдете и црвче, флекичка мала, а и вкусот е различен. Кога ќе изедете јаболко треба да ви ја врати снагата, вели Прцуловски.
Недостигот на органски препарати за третман на овошките низ годините, Кирил се обидел да го покрие со домашно производство на природни ѓубрива. Најголем успех, вели дека постигнал со последователна ферментација на смеса на база од лук, пиперка и кромид. Копривата е многу познат „помошник“ на органските производители, а Прцуловски го откри и неговиот проверен рецепт.
-Во 10 литри вода мериме еден килограм сечкана коприва, процесот на ферментација трае минимум две недели или кога површината ќе добие една застакленост и потоа таа содржина, тој фермент, го мешаме со 100 литри вода. Тоа е како да добиваме еден инсектицид, кажува Кирил Прцуловски.
-Реков дека светот е понапред, имаат сопствено производство на органски препарати и цената е поевтина. Кај нас и понудата е помала и се многу скапи. Од искуство, лично, од препарати нема што не сум пробал, додава Кирил.
Предизвиците што ги носи органското производство е причината поради која земјоделците не лесно се одлучуваат да направат преод од конвенционалниот начин.
Официјалните статистички податоци на Државната статистика, од јавно достапните податоци, покажуваат дека најголем раст на органското производство на овошки имало во 2022 година кога бил пресметан раст од 30,2%, во споредба со една година претходно. Растот во 2023 година бил 16,4% а во 2024 година, само 4,8% во однос на органското производство на овошки.
Државната статистика пресметала дека во 2024 година, со земјоделско органско производство се занимавале 873 производители. Во истиот период се регистрирани 4.130 хектари обработлива површина, од кои 1.477 хектари се површини на органско производство во преод.
Работата на земјоделците, со надеж дека ќе се зголеми бројот на оние кои произведуваат здрава храна, а во исто време ја чуваат и животната средина и богатствата на Преспа, ги следи и Здружението за заштита на животната средина Еко Герила Преспа.
-Би рекла дека сме на многу ран почеток или во зародиш за органско производство, што не звучи надежно, но познавајќи го менталитетот и од претходно, тоа е светла точка и што луѓето се охрабруваат и почнуваат да работат. Интерес има претежно кај помладите, но предизвиците се тој временски период кој е потребен, тоа е стресен шок-период, бидејки тогаш се намалуваат приносите и квалитетот и недостапноста на квалитетни природни препарати на пазарот кои се дозволени. Сепак, имаме и добри примери кои сами си прават ѓубрива за заштита, вели Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.
Од ова еко-здружение веруваат дека земјоделците со помош на државата може да го вратат сјајот на Преспа.
-Треба да се работи доста на добро едукативно информирање, обучување и да има мотив на некоја поддршка, како дел од национална стратегија за еколошко производство што ќе им даде мотив да се преориентираат кон органско производство. Тоа зависи од МЗШВ и чекорите кои би ги презеле во таа насока, но исто така, треба и многу да се зборува и во раните години во образованието да се воведе значењето на еколошките производи и органското производство. Може и не само да биде теорија, туку и да се прават градини во училиштата. Од рани години да го носиме, за да може да го имплементираме.
-Колку е важно органското производство, колку е важна нивната работа за заштита на животната средина?
-Преспа би требало и може да биде единствена зелена дестинација која ќе понуди многу добар бавен туризам кој е многу атрактивен. Овие мали чекори на земјоделци се за туризмот да прерасне во прва носечка гранка, а производството во втора. Порано биле изедначени и сите може да се сетиме на Преспа како туристичка дестинација и треба што повеќе да се стимулираат земјоделците за тој стресен период да го издржат и сè повеќе да се охрабруваат и да преминат во органско произвдоство. И повеќе количина би имало на пазар, а не во индустрија. Како индивидуалци не можете многу да произведете, ама ако се настапи како бренд преспанско органско јаболко, 70% да работиме органско, тоа не би било можно без финансиска поддршка од државата. Мислам дека треба да се размислува во таа насока, вели Евтимовска од Еко Герила Преспа.
Природните убавини во Преспа ги има во изобилие. Регион помеѓу два национални паркови и со заштитени подрачја. Сè што природата дала, жителите научиле да го искористат. Најпознатиот меѓу нив е Науме Петковски, овде го викаат и треварот од Ресен. Преку семејната компанија „Роза Канина“ го усовршиле начинот, природата да ја направат многу подостапна за сите нас. Најпознат од нивните производи е преспанската горчица.
-Ова се е практично екстрахирање на тревки од преспанскиот регион со висок квалитет. И почвени услови и микроклиматски од над 2.000 метри надморска височина и се прави екстрахирање со домашна мастика и чиста вода, изворска вода, со PH - 8 и процесот трае осум дена.
-Гледам дека е на сонце, не може ли со загревање?
-Не, па нема да биде природно.
Нивните производи помагаат за голем број здравствени проблеми. Но, не само на луѓето, во „Роза Канина“ внимаваат и на природата. Тревките на планина ги сечат а не ги корнат, за да има и за догодина, а финалниот производ го пакуваат во еко-амбалажа за и нивните клиенти, дури и по грешка, да не и наштетат на природата.
- Исклучиво еколошки и природни производи. Се пакува во книжни кеси, нема никаков отпад, не останува. Не правиме никаков отпад користиме електрична енергија од фото панели и за сè имаме сертификати. Тие нѝ се од Чешка и од нашата држава. Ја сакам Македонија, вели Науме.
Во Преспа, сите на свој начин се обидуваат да ја заштита животната средина и богатството да го зачуваат за следните генерации. Во центарот на градот, во познатиот „Млад Турист“ ја запознав средношколката Александра Фузевска. Има 18 години и е лидер на младите, еко-активист и со голема желба да ја заштити Преспа.
-Мислам дека ние младите правиме сè што е во наша можност за Преспа да остане едно значајно богатство кое ние ќе го чуваме. Целта нѝ е да останеме и да живееме овде затоа што е посебно од другите градови.
-Посебен е по многу начини, но на какво ниво е еколошката свест? Знаат ли да се грижат за животната средина?
-Искрено и не, помладата генерација знае, но постарите, повозрасните тоа не го практикуваат и сакаме да ги поттикнеме отпадоците да го рециклираат за да направат компост и да ги искористат на овошките кои се одгледуваат.
-Како да ѝ помогнеме на Преспа?
-Со тоа што ќе се грижиме за неа, ќе имаме добри еколошки иницијативи и ќе се поддржуваме едни со други и нашата крајна цел е да останеме во Преспа, а не да ја напуштаме нашата општина, вели Александра.
Додека разговаравме со Александра разбрав дека и во кафулето „Млад Турист“ стартуваат важен процес на еко-практики.
Наместо да завршува на ѓубриштата или депониите, одлучиле талогот од кафето да го преработуваат во компост.
-Талогот од кафето што го користиме нема да го фрламе, туку ќе го претвораме во природен компост, природно грубриво-компост, кој ќе го користиме за нашите градини.
-Има ли талогот корисно влијание?
-За многу растенија позитивно влијае. Од една страна, го намалуваме отпадот, талогот, а од друга страна придонесуваме за почиста средина. Талогот е супер хранливо ѓубриво и би било штета да оди како отпад на нашите депонии. Сакаме до крај да го искористиме и да имаме добар ефект, вели Елена Митаноски, сопственичка на „Млад Турист“.
Позитивните еко-приказни од Ресен ги завршуваме со финалните производи, а нив ги има на познатите еко-саеми за органска храна.
Од нивата во Преспа, со готовите проиозводи, Пере и Рахела стигна во Скопје. На саемот за органски производи.
-100 проценти природен сок од јаболка?
-Тоа ви е овошје во шише. Чисто 100%, како што е јаболкото, го цедиме, го пастеризираме на 70 степени. Трајноста му е минимум една година.
-Вкусот на органското не може да го споредите со конвенционалното.
-Свесни ли се младите?
- Во последно време, младите се свесни дека што е здраво. Срамота е сега да не знаат што е здраво, а што не е здраво, вели Пере.
Локалците од Преспа знаат и можат, а со мала поддршка од државата богатството кое го создаваат на нивите може да обезбеди добра иднина за сите: Органските производители да ја сочуваат убавината на Преспа, а нивните производи нашето здравје.
-

Иван Кузмановски
Сите содржини од овој новинар
