Димитар Узунски, живот посветен на „Копачката“ и пијанечкото народно богатство

Живот посветен на тапанџиската симфонија „Копачката“, за која потрошил 58 години,е животот на пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски. Познат по својата љубов кон фолклорот за кого давал сѐ што имал само за да остане забележано, докуменирано, да излезе од локални рамки, бидејќи неговото изострено сетило за вредното народно творештво му кажувало дека тоа е богатство вредно за македонскиот фолклор и доказ за идентитетот на еден народ. Да не беше неговата упорност и истрајност пред многубројните искушенија, Делчево, Македонија, па и светот, немаше да го има орото „Копачка“, кое денеска вредно стои запишано на репрезентативната листа на УНЕСКО, како нематријално културно наследство.
Денес, во 79-тата година од животот и покрај многубројните признанија и успеси, Узунски или во Делчево познат како учителот, останува скромен човек и синоним за борец за својата љубов- фолклорот.
Непосредно пред промоцијата на неговото трето печатено дело, „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО“, видно вознемирен , бидејќи му се остварил сонот и целата негова архива, фотографии, натписи во весници и спомени кои не бледеат, да излезат во јавноста, како сведоштво за трнливиот пат на „Копачката“ до УНЕСКО.
-Музичкиот фолклор, народните песни, ора и инструменти се битен белег за идентитетот на еден народ и на едно поднебје. Тие на свој начин зборуваат за минатото, сегашноста и иднината, преку текстот надополнет со мелоритмичка линија, инструментите преку бојата и ритмот, а народните ора преку чекорите, движењето на телото, изразот на лицето- поддржани од народните инструменти, а украсени со народната носија. Ги создавале најталентираните игроорци, музиката-нaјталентираните инструменталисти. Ако песната го има текстот преку кој се изнесува настанот, народните ора ги имаат чекорите, зборовите на орото. Игроорните зборови бараат поголемо внесување во нив, за да може да се разбере нивната содржина, вели Узунски.
Првата средба со „Копачката“
Пијанец е богат со народни ора. Еден дел од нив исчезнале. Од тие што се задржале до денес, високо над сите се издига „Копачката“. Неа со посебна љубов ја негува и презентира ФГ „Копачка“ од с. Драмче.
-Со некои од членовите на Фолклорната група „Копачка“ се запознав пролетта во сега веќе далечната 1959 година, кога по враќањето од ЈНА бев назначен за учител во с. Драмче. Oдев на свадбите и соборите во Драмче и неговата околина. Сакав да се запознам со сите членови на групата која повеќе време не беше активна. Во почетокот на март 1961 година ги поканив да дојдат на свадбата во Димовско маало. На мое големо изненадување и задоволство, дојдоа сите членови. Тогаш свадбите и соборите се правеа само со два тапани. Откако се запознавме, посакав да се фатат и да заиграат. Многу луѓе заиграа на нивното оро, а бројните свадбари направија голем круг околу нивното оро, за да можат поубаво да ја гледаат нивната игра. Под ударите на тогашните мајстори на тапанот, Јашар и Зенула, останав маѓепсан од нивниот прекрасен фолклорен вез, украсен со чудесните ритмички комбинации на „Копачката“, носталгично вели Узунски.
Од Димковско маало започнува одот на „Копачката“ надвор од анонимноста.
- Во Димовско маало се договоривме да ги започнеме подготовките за учеството на Околиската фолклорна смотра во Штип. Направивме неколку проби во училиштето и во мај 1961 отидовме во Штип. Покрај многубројните фолклорни групи и КУД од Источна Македонија, го освоивме второто место. Тој прв мој настап и успех, како да ме задолжи да ја организирам и раководам групата, да го презентирам пијанечкото фолклорно богатство, а подоцна и да го собирам и истражувам претставувајќи го на многу смотри и фестивали во државата и надвор од неа, вели Узунски.
Во тоа време, комуникацијата со изграорците од Драмче одела тешко, била можна само со личен контакт.
- Секогаш, кога ќе се појавеше некоја можност за настап на групата, јас тргнував кон нејзините членови. Често одев пеш, во други прилики со запреги, трактори и слично. Прво, одев во Црничко маало кај Младен Ѓеоргиев, кој ми помагаше во организирањето, а потоа патот ме водеше на другата страна на селото преку Брегалница во Белчaнско маало кај дедо Митко и неговите браќа Ристо и Јордан и неговиот син Симеон, сите одлични игроорци. Откако ќе ги обезбедев игроорците од Црничко и Белчaнско маало, одев кон другите кои живееја во Делчево, а потоа кон тапанџиите кои секогаш беа најпроблематичниот дел, а без кои групата не можеше да настапи. Понекогаш, тие своето учество го условуваа со плаќање што е нормално, но ние никогаш немавме можности за плаќање, се сеќава Узунски.
Но, кога некој од групата ќе бил отсутен, Узунски бил нивна замена, па така станал и игроорец, а денес игра на опашката, на крајот од орото, а за секој настап собирал написи од весници и стручни мислења на жири-комисиите.
Долг кон „Копачката“
Овој неуморен човек ни откри дека сите овие години него го мачела само една мисла, како да ја овековечи „Копачката“..
-Чувствував пред себеси одговорност и долг по повод 67-годишниот јубилеј на Фолклорната група „Копачка“, низ збор, фотографии и документи да го опишам животот и делото на групата „Копачка“ запознавајќи ја јавноста со една од најстарите македонски фолклорни групи, која и во ова денешно тешко време опстојува. Сѐ до 2010 год., таа нема ниту еден единствен денар за своја редовна дејност. Таа е аматерска во вистинска смисла на зборот, полна со ентузијазам, таква каква што била формирана во 1948 година. Во тоа е и нејзината големина. Годините на постоење и многубројните настапи овозможија да се искачи до совршенство. Нивната игра допрва треба да се проучува и истражува, вели Узунски.
Поддршката и начинот на организирање на групата во Здружение на граѓани и несебичното вложување на Перса Стојановска од Делчево, како секретар на Здружението, соработката со Министерството за култура, посебно со м-р Ивона Опетчевска-Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство и д-р Велика Стојкова-Серафимовска од Институот за фолклор, го донесе орото во УНЕСКО.
-Јас сам немаше ништо да направам. Мислам, јас сѐ имав направено, за да живее групата и орото, но без поддршката на овие љубители на фолклорот и традицијата кои ја препознаа вредноста на орото и трпеливо го трасираа патот до УНЕСКО, немаше да имаме успех. Јас сум им многу благодарен и сум многу горд на сѐ што направивме заедно, истакна Узунски.
Награда радиоапарат за селото каде нема струја
Полни 69 години ФГ „Копачка“ е вистински амбасадор на пијанечкиот фолклор на многу фестивалски сцени во земјата и надвор од неа, почнувајќи од Драмче, па преку општинските и околиските смотри до првиот Југословенски фестивал во Опатија 1951 година, потоа настапите на републичките фестивали во Битола, Долнени, на Балканскиот фестивал во Охрид, на Меѓународната смотра во Загреб, БЕМУС во Белград, Југословенската смотра во Ваљево , до 750 -годишнината од постоењето на Берлин, Германија. Сите овие настапи се следени од многу згоди и незгоди,но Узунски,вели дека наградата од фестивалот во Опатија во 1951 година, им создала главоболка на играорците од Драмче.
- Во една мошне силна конкуренција, игроорната група од Драмче го освојува второто место во Југославија што е најголемиот дострел на групата во тоа време. За освоеното второ место, групата ја добива и специјалната награда-радиоапарат на струја. По враќањето долго време се раскажуваа доживувањата од патувањето и настапите на групата. Но, што со освоената награда, кога во селото во тоа време нема струја?! Членовите на групата одлучуваат да ја дадат на Собранието на Општина Делчево. Оттогаш, па до денес, Собранието на Општина Делчево ја поддржува групата во нејзините настапи, во и надвор од општината, истакна Узунски.
Тринаесет илјади народни умотворби од Пијанец чекаат печатење
Но, за Узунски,„Копачката“ е само еден сегмент од животот посветен на фолклорот. Тој, како соработник на Институтот за фолклор од 1967 година, е неуморен собирач на народните умотворби, па во неговите тефтери има над 13 илјади народни умотворби.
-Па, јас од моите родители научив многу песни, приказни, народни ора и обичаи. Во младоста го запознав и познатиот собирач на раодно творештво Ганчо Пајтонџиев од Велес, се сретнав и со Бирте Треруп познат истражувач на македонскиот фолклор од Копенхаген и со многу други и сите овие луѓе ја разгорија кај мене желбата за собирање на народното творештво. Секаде, каде што одев, во која и куќа да сум влегол, со кого и да сум застанал, јас ги слушав и внимателно ги запишував нивните досетки, гатанки, песни, приказни, басни, односно сето тоа што живееше меѓу луѓето и го даваше нивниот дух. Сега имам во архивата околу 13 илјади народни умотворби, кои полека ги ставам во компјутерот и следната моја мисија ќе биде ова народно богатство да ја види светлината на денот, истакна Узунски.
Димитар Узунски, живее во своето родно село Тработивиште кое е на 10 км од Делчево. За својата неуморна работа во областа на фолклорот во 2014 година ја добива државната награда „23 Октомври од Собранието на Република Македонија.
Даниела Такева, МИА
Ново на Сител
-

Со фалсификувани пари се обиделе да платат за гориво, приведени две лица
-

Ѓорѓиевски за Божик: Секој нов ден биде благословен со успеси, спокој и вера во подобро утре
-

Пообилни врнежи од дожд попладнево и во текот на ноќта, а на планините од снег
-

Снег со среден интензитет на Попова Шапка, сообраќајот по влажни коловози
-

Мицкоски за Божиќ: Силата на државата започнува од домот, да градиме иднина за нашите деца
-

Сиљановска-Давкова: Божик е повик да погледнеме кон себе, да го разбудиме човечкото во нас, добрината, надежта
-

Џонов: Противниците на Европското се екстра квалитетни
-

Орбан: Пред нас е глобална трансформација, 2026 година започна со опасни тензии
