Македонија
7. November 2022 - 17:46

Демир Капија го одбележа Денот на ослободувањето

Демир Капија денеска одбележа 78 години од ослободувањето и 26 години од постоењето на Општината. Во холот на општинската зграда се одржа ликовна изложба и следуваше културно уметничка програма. Пред присутните се обратија градоначалникот Лазар Петров и Андон Крстевски, претседател на Советот на општината, во рамки на свечената седница на Советот.

– Како и секоја година, така и оваа година општината Демир Капија им искажува почит и уважување на истакнати поединци, институции и организации, кои со својата работа или дејност придонеле за афирмација и развој на нашата општина и истите ги награди со седмоноемвриски награди и признанија, рече Петров.

Признанија беа доделени на аматерскиот театар Мирка Гинова, Здружение за поддршка и развој Хуманост, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република С. Македонија, Олгица Мелова за промоција и афирмација на општината во областа на спортската дисциплина кајакарство, Мурвет Вардар од село Корешница за промоција и афирмација во областа на спортската дисциплина фудбал и д-р Олгица Сакламаева Ангелова, за посебен придонес во областа на здравствената заштита во услови на пандемија. Оваа година беа доделени две седмоноемвриски награди и тоа на Сузана Крстова вработена во општинската администрација и на др. Катица Бакиева Бојчева.

Од оваа година согласно програмата за социјална заштита, општина Демир Капија додели стипендии за ученици како и парични награди за првенци на генерацијата 2021/2022 во ООУ“Димче А. Габерот“.