Македонија
14. April 2016 - 13:51

Делегација на СОС Детски села Интеранционал во посета на транзитниот центар Табановце

Претставници на СОС Детски села Интернационал и на Детско Село Македонија денеска го посетија транзитниот центар Табановце каде ги посетија мигрантите.

Претседателот на СОС Детски села Интернационал Сидарта Каул изјави дека ситуацијата не е добра за секој оној што мора да живее во состојба на неизвесност.

- Во изминатите два месеци, рутата се затвори, а тие се заглавени на едно место и немаме реално решение за тоа што ќе се случува понатаму. Ќе ги поддржиме децата и младите луѓе во камповите, рече Каул, додавајќи дека е важно владите да донесат одлуки што ќе биде понатаму и оти не треба да се дозволи оваа состојба да трае.

Националниот директор на СОС Детско село Македонија, Јулијана Гапо потсети дека како организација уште на почетокот се вклучиле со давањето помош. 

- Со делегацијата од СОС Детско села Интернационал беа посетени камповите во Грција, Македонија и во Србија. Од она што тие го кажаа посебно за кампот во Гевгелија, мислам дека беа импресионирани за тоа колку е вложено во овој период. Секако е дека неблагодарно да се споредуваат овие животни услови со вистинските услови. Мислам дека како земја сепак правиме се што можеме, изјави Гапо.

Координаторот на Транзиниот центар „Табановце“, Горан Стојановски, информираше дека во моментот има 923 мигранти. Тој истакна дека се прават максимални напори за да се подобрат услови за престој и оти во таа насока се работи на изградба на детско катче во затворен простор и на мини игралиште за адолесцентите.