Македонија
17. September 2015 - 9:02

Делегација на НУБ „Св. Климент Охридски“ во посета на Националната библиотека на Словачка

Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, предводена од директорот Иван К. Заров, денеска и утре во словачкиот град Марин, ќе присуствува на свеченоста организирана по повод 200-годишниот јубилеј од раѓањето на Људовит Штур, водач на словачката национална преродба и кодификатор на словачкиот јазик.

Посетата се реализира на покана на Катарина Криштофова, директор на Националната библиотека на Словачка со седиште во градот Мартин.

Согласно досегашната соработка со оваа библиотека и договорот меѓу двете институции, делегацијата од Македонија ќе биде почесен гостин на свеченоста во Националната библиотека на Словачка. Во оваа пригода директорот Заров ќе ја подари едицијата 135 тома Македонска книжевност која ќе го збогати фондот на словачката библиотека.

За време на посетата, директорите на двете национални библиотеки ќе остварат и работна средба при што ќе разговараат за проширување на меѓусебната соработка, за обновување на договорот со цел продлабочување на професионалните односи, како и учество во проекти од заемен интерес во функција на унапредување на македонско-словачките културни врски.

НУБ „Св. Климент Охридски“ во 2013 година, беше домаќин на Националната библиотека на Словачка при што беше организирана презентација на публикацијата Проглас од Константин филозоф – Св. Кирил по повод 1.150 годишнината од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј.