Македонија
22. April 2026 - 12:38

Асанов негира вина, обвинителството бара осуда за фемицид

Во завршните зборови, обвинетиот Денис Асанов, во јавноста познат како „касапот од Штип“, повторно ја отфрли вината за убиството на 79-годишната Борјанка Николова, случено во ноември минатата година, истакнувајќи дека ги почитувал жените и никогаш не би кренал рака врз нив. Одбраната оцени дека доказниот материјал не е доволен и не овозможува целосно расветлување на настанот, со што, според нив, се остава простор за сомнеж во вината. Побара судот да изрече ослободителна пресуда и да му определи домашен притвор на 74-годишниот обвинет.

- Во предметниот случај не постои ниту еден доказ кој упатува дека дејствијата на обвинетиот биле мотивирани од полот на оштетената, ниту пак дека постоела претходна динамика на односи која би укажала на континуирано насилство засновано на родова основа, изјави Елизабета Панева, адвокатката на обвинетиот.

Обвинителството, пак, нагласувајќи ја сериозноста и начинот на извршување на делото, побара судот да го прогласи Асанов за виновен за фемицид.

- Врз основа на горе изнесеното во целост ќе се докаже дека обвинетиот извршил грозоморно убиство на жена, при што на еден монструозен и немилосрден начин како ја убил оштетената и со остар предмет и ги отсекол главата и нозете, а трупот со рацете го закопал во дворот на неговата куќа, додека главата и нозете ги фрлил на непознато место, изјави Александра Здравкова Стојанова, обвинителка , Основен суд – Штип.

Пресудата се очекува да биде објавена на 28 април. Во обвинителниот акт се наведува дека убиството било извршено во домот на обвинетиот, каде што жртвата била усмртена со остар предмет, по што телото било расчленето. Дел од посмртните остатоци сè уште не се пронајдени. Обвинетиот првично ја признал вината, но подоцна ја изменил својата одбрана, тврдејќи дека телото го затекнал во куќата и дека потоа бил совладан од тројца непознати лица, кои го врзале и додека копале дупка, еден од нив, според неговите зборови, го препознал својот очув.