Ангелов и Јанчев: Пожарот во Кавадаречко се очекува до крајот на денот да биде изгаснат во целост

Од околу 30 пожари кои биле регистрирани вчера на отворен простор на разни места низ државата, пожарот во Кавадаречко бил најтежок за интеревенција и се очекува до крајот на денот, да биде изгаснат во целост, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на заедничката прес-конференција со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор, неколку од нив се претворија во сериозни, тешки за гасење, пожари. Најтежок којшто вчера беснееше на територијата на државата е пожарот којшто се одвиваше на подрачјето зад нас, на територијата на општина Кавадарци. Карактеристично е тоа што во текот на вчерашниот ден овде дејствувавме со два ер-трактори и со полицискиот и армискиот хеликоптер. Денеска наутро почнавме да дејствуваме со три ер-трактори коишто помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола - рече Ангелов.
Тој истакна дека овој пожар бил исклучително тежок за гасење, комплексен пожар којшто се одвивал на тешко пристапен терен обраснат со густи грмушки и трња, тежок за движење на пешадија, но и многу стрмни ридишта.
-Градоначалникот Јанчев покажа школски пример како треба да се гаси еден ваков пожар, бидејќи на лице место овде на земја имавме голем број локални пожарникари. Од негова страна беа ангажирани и доброволни пожарникари - две доброволни противпожарни друштва, понатаму локалната самоуправа, комуналното претпријатие, механизација, булдожери и друга тешка механизација со којашто се правеа противпожарни пресеци. Исто така, од воздух помош дадоа ер-тракторите на Дирекцијата, како и еден армиски и еден полициски хеликоптер - појасни Ангелов.
Јанчев се осврна хронолошки на пожарот во Кавадаречко.
-На нашиот најголем македонски празник Илинден, 2-ри август, некаде во попладневните часови, односно предвечерието, околу 21 часот, е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнуваат пожари на пет локации коишто еден од друг се оддалечени некаде по 500 до 700 метри. Значи станува збор за очигледно, да речам, подметнат пожар, вели Јанчев.
По самата пријава на пожарот, тој појасни дека веднаш сериозно било пристапено кон самиот пожар. Известени биле Дирекцијата за заштита и спасување, ЦУК, заедно со ОВР Кавадарци и Територијалната противпожарна единица и било пристапено на терен.
-Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа заради специфичноста на теренот, недостапноста и терен до којшто не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно. Утредента, на 3-ти, се продолжи со комплетно гасење на самиот пожар. Ни се придружија и два ер-трактори во вчерашниот ден каде што помогнаа доста во делот од воздух и во вчерашниот ден, пожарот, поради ветровите и високите температури, доста се прошири, би кажал, некаде околу 7 километри квадратни радиус којшто фати во делот на село Дреново, село Раец, околината на Раец и село Ќесендре - додаде Јанчев.
Тој информираше дека синоќа заседавал Кризниот штаб. Направиле, рече, добар план, донеле два булдожера, два ровокопачи и со нив го пресекле пожарот да не може да се движи и се пристапило кон гасење на самиот пожар.
-Од утрово имаме голема екипа на терен. Од Територијалната противпожарна единица Неготино имаме четири пожарникари со едно возило, имаме од Дирекцијата за заштита и спасување три ер-трактори, имаме од ОВР Кавадарци 10 полицајци со теренски возила кои помагаат на нашите пожарникари, имаме 12 пожарникари од Територијалната противпожарна единица, пет пинцови, три возила, две цистерни од ЈП Комуналец за вода и осум џипа. Сакам да кажам дека тука се вклучи и Доброволното друштво и од Штип и од Неготино и со ваква координирана акција, целиот обрач на пожарот е опфатен и сите елементарни загрозувања, би рекол, се елиминираат - сподели тој.
Јанчев се осврна и на другата опрема со која што се дејствува на највисоките точки. Тој нагласи дека очекува до крајот на денот, овој пожар да биде изгаснат во целост заедно со ер -тракторите и да се остави патроли за да функционираат.
-Морам лично да се заблагодарам и на месното население, пред сѐ, благодарност на Дирекцијата, на Територијалната противпожарна единица, на ЦУК-от, на другите колеги од општината, на ОВР Кавадарци, на РЦ Југ, на сите оние кои пресериозно учествуваат - подвлече Јанчев.
Тој рече дека не се дозволило оштетување на високостеблеста шума. Заштитени биле и луѓето и имотите.
-Така што можам да кажам дека ова е еден пример за заедничка координација на сите институции како може еден пожар којшто беше многу лошо подметнат да се стави под контрола благодарение на целата организација и функционирање заеднички - истакна Јанчев.
МИА
Ново на Сител
-

МЗ: Состојбата во Гостивар континуирано се следи, намален вкупниот број прегледи
-

Водата во Скопје квалитетна и безбедна за пиење
-

Кривична за сопственик и фирма поради сомнение за даночно затајување над 7,2 милиони денари
-

Групна тепачка помеѓу шест лица во Шуто Оризари
-

24-годишен тетовец со тврд предмет ја нападнал својата мајка
-

Ангелов и Јанчев: Пожарот во Кавадаречко се очекува до крајот на денот да биде изгаснат во целост
-

Македонија прва во Европа по растот на минималната плата
-

„Анима Мунди“ апелира за заштита на животните за време на топлотниот бран
