Македонија
26. January 2016 - 15:17

Аневски: Јанева исклучила двајца обвинители од нејзиниот тим

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги исклучила обвинителите Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска од нејзиниот тим без никакво решение и постапка, изјави денеска претседателот на Советот за јавни обвинители Петар Аневски по одржувањето на седницата на Советот.

Кадриу и Ѓоревска на 20-ти овој месец дошле кај Аневски, како што рече, видно вознемирени и револтирани за начинот на кој биле избркани од СЈО.

- На Кадриу и Ѓоревска им било речено дека треба да ги предадат предметите, да ги вратат токените, да ја испразнат канцеларијата и да се сместат кај полицајците. Тоа тие не го прифатиле, рече Аневски.

Тој додаде дека вчера до Советот пристигнало писмено известување од специјалната јавна обвинителка спротивно на тврдењето на Кадриу и Ѓоревска, дека тие сами побарале да заминат и дека заради намален обем на работа било одлучено овие две обвинителки да се отстранат, истакна Аневски и додаде дека тоа не е во ред.

Доколку е точно дека не е потребен толкав број обвинители, како што рече Аневски, ќе излезе дека Советот бил во право кога при изборот на предложените обвинители од страна на Јанева, кои беа петнаесет на број, велеше дека тоа е преголема бројка.

Советот во врска со ова формирал Комисија која ќе ја предводи Сашо Василевски која ќе го испита овој случај по што ќе се донесат заклучоци.

- Советот формираше Комисија од тројца членови и записничар кои ќе го испитаат овој случај по што ќе одлучиме како ќе постапиме. Не знам на кои предмети работеле обвинителите, важно им се одземени предметите и ќе ги поканиме да одговорат на повеќе прашања. Ние сега сме во една тешка ситуација, бидејќи тие се избрани во тоа обвинителство и сега ќе треба повторно да носиме нова одлука за намалување на бројот на јавни обвинители и да направиме целосна анализа и да видиме колку има работа во Специјалното јавно обвинителство, па да донесеме одлука, истакна претседателот на Советот.

Посочи дека ќе ја повикаат Јанева деновиве во Советот за да ја обрзложи оваа одлука.

На денешната седница членовите на Советот за јавни обвинители расправале, меѓу другото и за работата на Специјалното јавно обвинителство и за тоа како постапило во случајот со предавањето на материјалите од незаконското прислушување од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

- Нас не интересира колкав е бројот на примени предмети и дали има записник за нив, рече Аневски и додаде дека Советот донел одлука од СЈО да побара во најкраток можен рок да им достават одговор на нивните прашања со цел да се расчистат нејаснотиите околу примените материјали.

Аневски ги отфрли информациите во јавноста дека се можни кривична пријава или поведување постапка за Катица Јанева, но потенцираше дека Специјалното јавно обвинителство одговара пред Советот.