Македонија
23. September 2026 - 16:30

23 септември - ден на знаковниот јазик

Околу 7.000 лица во Македонија се служат со знаковен јазик. Но, кога нема толкувач комуникацијата за нив сè уште запира пред вратата на многу институции. Тогаш и најобичните секојдневни потреби можат да станат пречка – да одат на лекар, да побараат помош од полицијата или да завршат работа во банка.

За глувите и наглувите лица во Македонија, стандардизацијата на знаковниот јазик и неговата поголема примена остануваат клучни чекори кон вистинска пристапност.

„Стандардизацијата на јазикот е еден од главните предизвици кој треба да се реши и сигурна сум дека ќе се реши. Во однос на употребата на знаковниот јазик, државата колку што може помага да биде тоа достапно за луѓето со оштетен слух и говор – многу широко низ државата“, изјави министерката за образование и наука.

Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – единственото средно училиште во земјава наменето за ученици со оштетен слух. Директорката вели дека покрај стандаризацијата на знаковниот јазик, неопходно е поголемо вклучување на овие лица во секојдневниот живот.

 „Нашите следни предизвици се подобрување на процесот за стандардизација, на знаковниот јазик, воведување на предмет знаковен јазик, и поголема имплементација на глувите лица во средината во којашто живеат“, изјави директорката на Партенија Зографски.

Денеска светот го одбележува Меѓународниот ден на знаковните јазици, прогласен од Обединетите нации со резолуција, усвоена на 19 декември 2017 година. Според проценките на Светската федерација на глуви лица, повеќе од 70 милиони луѓе во светот припаѓаат на заедници кои секојдневно комуницираат со знаковен јазик.